Навивачите му оддаваат почит на Пеле на стадионот во Бразил
Емотивниот Бразил денеска и оддава последна почит на фудбалската легенда Пеле, на стадионот каде што тој со својата вештина за првпат го одзеде здивот на светот.
Илјадници навивачи и фудбалски достоинственици, вклучително и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино полека се движеа низ стадионот Вила Белмиро, дом на долгогодишниот клуб на Пеле, Сантос, каде што во ценатрот на теренот беше изложен ковчегот со неговите посмртни останки.
Пеле, трикратниот победник на Светскиот куп, кој се смета за најдобар фудбалер на сите времиња, почина во четвртокот на 82-годишна возраст по долга борба со ракот.
Инфантино, кој присуствуваше на поворката со шефовите на фудбалската конфедерација на Јужна Америка и Бразил, рече дека светското раководно тело на спортот ќе побара од сите земји-членки да именуваат стадион во чест на Пеле.
„Пеле е вечен. Тој е глобална икона на фудбалот“, рече тој пред новинарите во Сантос, југоисточен пристанишен град на 75 километри од Сао Паоло.
Роден како Едсон Арантес до Насименто, Пеле експлодираше на сцената на 15-годишна возраст, кога го имаше своето професионално деби со Сантос.
Тој го освои Светското првенство три пати со Бразил, во 1958, 1962 и 1970 година - единствениот играч во историјата што го постигнал овој подвиг.
Неговиот погреб ќе се одржи во вторник на гробиштата на само 600 метри од стадионот.
Во меѓувреме пораки со сочуство пристигнаа од целиот Бразил, каде беше прогласена тридневна национална жалост. И на инаугурацијата во неделата на претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, церемонијата започна со едноминутно молчење во спомен на Пеле.
Ковчегот на Пеле ќе биде пренесен низ улиците на Сантос пред неговиот погреб. Се очекува да присуствуваат бразилскиот претседател Да Силва и други државници.
Пеле се лекуваше од рак на дебелото црево од 2021 година. Од клиниката каде што бил хоспитализиран соопштија дека починал од откажување на повеќе органи како последица на рак.