Пакистан ослободи стотици Авганистанци од затвор
Стотици авганистански мигранти, вклучувајќи и жени и деца, денеска се ослободени од затвор од пристанишниот град Карачи во јужен Пакистан, соопштија денеска авганистанските власти.
Пакистанската полиција, во повеќе рации минатиот месец, приведе најмалку 1200 авганистански државјани кои влегле во Карачи без валидни патни документи.
Апсењата предизвикаа критики во Авганистан, откако фотографиите од затворени авганистански деца беа објавени на интернет. Притворањата ги нагласија затегнатите односи меѓу двете соседни земји, пишува новинската агенција Асошиејтед прес.
„Меѓу 524 ослободени авганистански државјани има 54 жени и 97 деца“, соопшти авганистанската амбасада во Исламабад.
Милиони Авганистанци избегаа во Пакистан за време на советската окупација на нивната држава од 1979 до 1989 година, создавајќи една од најголемите бегалски популации.
Оттогаш Пакистан прифаќа Авганистанци, повикувајќи се да се регистрираат при Обединетите нации или кај локалните власти за да избегнат ризик од депортација.
Во извештајот на пакистанската Национална комисија за човекови права се наведува дека дошло до драстичен пораст на бројот на Авганистанци кои сакаат да влезат во земјата од различни причини, од бегство од прогон до барање медицинска помош и прилика за вработување откако талибанците за презедоа власта во август 2021 година.
Според истражувањето кое неодамна го спроведоа Обединетите нации, во Пакистан има 1,4 милиони регистрирани авганистански бегалци.