Лидерите на албанските партии од Македонија ја почнаа средба со Рама во Тирана
Премиерот на Албанија, Еди Рама, во Тирана вечерва одржува средба со лидерите на албанските партии во Северна Македонија, на која присуствува и министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, јави албанскиот медиум „Њуз 24“.
Според медиумот, тема на средбата е внатрешно-политичката ситуација во Северна Македонија, улогата на албанските партии во надминувањето на ќорсокакот за уставни измени поврзани со напредокот и продолжувањето на процесот на евроинтеграции.
Македонија и Албанија во пакет на 19 јули 2022 започнаа преговори за влез во Европската унија, но македонското Собрание треба да донесе уставни измени и да ги внесе Бугарите во Уставот за да почне отворањето на поглавја во преговорите со ЕУ.
На средбата учествуваат Али Ахмети од ДУИ, Африм Гаши од Алтернатива, Мендух Тачи од ДПА и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците. Поканата ја одби Билал Касами од Беса. ДУИ, Алтернатива и ДПА се дел од владејачката коалиција.
Ахмети за ТВ 21 пред средбата рече дека разговорите ќе ги фокусираат на зајакнување на заедничката стратегија кон заедничкиот европски пат.
Власта водеше разговори и со Алијансата за Албанците за влез во Влада, но засега од тоа нема ништо, додека Беса беше дел од власта, но ја напушти коалицијата.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред средбата за „Клан Македонија“, рече дека ќе било убаво и од Беса да присуствуваат.
„Секој има своја автономија при одлучувањето. Времето ќе докаже колку е продуктивно тоа размислување“, изјави Ахмети.
Дел од албанските аналитичари велат дека ова не може да се толкува како мешање во внатрешните работи на Македонија. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, по вчерашниот состанок со амбасадорите на САД и на Јадранската повелба, изјави дека средбата во Тирана, околу која се плетат разни сценарија, е новогодишна и без некоја конкретна агенда.