Истекува рокот за школите да се пријават за субвенционирана струја
На 20 јануари (петок) истекува рокот во кој основните и средните училишта треба да се пријават за добивање на субвенционирана струја. Училиштата што не го направиле тоа да го сторат веднаш, порача денеска советникот за енергетика во Владата Виктор Андонов. Во тек е огласот за пријавување за снабдување со субвенционирана електрична енергија од 1 февруари.
„Заеднички интерес е децата да имаат непречена настава и топли училници, а училиштата да имаат помали сметки за електрична енергија“, рече Андонов на денешната прес-конференција во Владата.
Оцени дека годинава започна со стабилно домашно производство на електрична енергија, а неколку дена по ред во јануари, како што кажа, ЕСМ произведува и продава ноќни вишоци на електрична енергија.
Министерството за образование вчера информира дека учебната година продолжува на 23 јануари со физичко присуство за сите ученици. Со одлука на владата, второто полугодие наместо на 18 јануари започнува на 23, за да се заштеди на греење и да се заштита на здравјето на учениците.
Училиштата од 1 декември користат поевтина струја, откако со владина одлука се вратија на регулиран пазар на струја. На првиот оглас за од вкупно 474 јавни основни и средни училишта, за снабдување со субвенционирана електрична енергија преку ЕСМ Продажба се пријавиле 309 училишта, а третина од училиштата или воопшто не аплицирале, или имале нецелосна апликација.