Затворени дел од улиците во Скопје поради Водици
Неколку сообраќајници во центарот на Скопје и во општините Ѓорче Петров и Аеродром денеска ќе бидат затворени поради манифестациите за верскиот празник Водици, информира Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје.
Министерството за внатрешни работи информира дека во периодот од 08:00 часот до завршување на манифестацијата, во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул.„Филип Втори Македонски“, на потегот од крстосницата со бул.„Гоце Делчев“ до крстосницата со ул.„11 Октомври“ во двете насоки.
Г.г. Стефан: Да ги сакаме и почитуваме татковината, историјата, културата и јазикот
Во општина Ѓорче Петров од 08:00 часот за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански одреди“, до ул.„Ѓорче Петров“, како и ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“. Исто така, затворени за сообраќај ќе бидат сообраќајниците од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.
Во општина Аеродром од 10 часот за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон селото Лисиче.
Од Македонската православна црква - Охридска архиепископија информираа дека околу 130 верници се пријавени за фаќање на крстот во Скопје, кој околу пладне ќе биде фрлен во реката Вардар во центарот на градот.