Дождот предизвика поплави во некои општини на Косово
Неколку градови во Косово се соочуваат со поплави како последица на обилните дождови. Најпогоден од поплавите според информациите е градот Скендерај, каде локалните власти прогласија вонредна состојба.
Директорот на Дирекцијата за јавни услуги во овој град, Албан Шала за Радио Слободна Европа изјави дека реката Клина и дел од нејзините краци се излеале што предизвикало поплави во десетина села од оваа општина. Бројни екипи и групи граѓани помагаат за евакуација на граѓаните кои се во опасност од поплави.
„Пожарникарите, итната помош и групи граѓани се во акција и интервенираат во случаи кога има потреба и од евакуација и од превенција“, вели Шала.
Поплави се забележани и во градот Вучитри каде се известува дека се поплавени неколку дворови на куќи. Информации за поплави има и од градот Пеќ. Обилните дождови предизвикаа поплави и во северниот дел на Косово.
Најголеми проблеми има во селата на Општина Звечан, каде што е тешко прооден асфалтираниот пат од Звечан до Зубин Поток. Реката Ибар се излеа во областа позната како Босанско маало во Северна Митровица.
Во Северна Митровица, кон главниот мост, реката Ибар ја достигна висината на шеталиштето, па столчињата кои служат како одмор се потопени во вода. Во одредени региони има појава и на свлечишта.