Османи утре патува во Софија, ќе го посети повредениот охриѓанец
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, утре ќе отпатува во работна посета на Софија, и заедно со бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков, ќе го посетат македонскиот државјанин, кој беше физички нападнат во четвртокот во Охрид, соопштија од МНР.
Посетата, како што соопштија од Министерството, ќе биде искористена за размена на мислења меѓу двајцата министри за инцидентот во Охрид, за зачестените провокации, како и за активностите на двете министерства за превенција и отпорност од сличните провокации.
Во четвртокот, од тројца свои сограѓани беше нападнат охриѓанецот Христијан Пендиков кој е секретар на бугарскиот културниот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Според изјавите на бугарските политичари и написи во бугарските медиуми, причина за нападот било тоа што Пендиков се декларирал како Бугарин.
Како што објави дигиталната редакција на СДК пак, има сомневање дека се работи за дилерско-криминална пресметка. Имено, според билтенот на охридската полиција, лицето Х.П. во декември добило кривична пријава за производство и продажба на наркотични дроги, а при претресот полицијата му пронашла кокаин. Според СДК, и напаѓачите веќе ѝ биле познати на полицијата во градот, поради пријави за нарушување на јавниот ред и мир.
Во меѓувреме осуда за настанот стигна од високиот ешалон на власта, и од македонска и од бугарска страна, како и од Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во земјава од каде очекуваат властите да го истражат случајот.
Во Софија денеска има протести поради настанот и за поддршка на Бугарите во земјава, а по Пендиков беше пратен бугарски владин авион синоќа, за да го однесе во болница во Софија.
Македонија и Бугарија имаат нарушени односи по двегодишното бугарско вето за Македонија да почне преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата. Проблемот се надмина со тоа што ветото беше тргнато лани во јуни, со услов Македонија во уставот да ги внесе Бугарите, за што е потребно двотретинско мнозинство во парламентот кое уште не е обезбедено.
Ако тоа не се направи, постои стравување од повторна блокада на преговорите за влез на земјава во ЕУ.