Ковачевски вечерва на средба со дел од коалициските партнери
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска во 20 часот ќе се сретне со лидерите на коалициските партнери во Клубот на пратеници, јавува новинската агенција МИА. Ковачевски денеска во изјава за новинарите рече дека веќе разговарал и оти и денеска ќе разговара со добар дел од коалициските партнери, во однос, како што вели, за функционирањето на темите што се значајни за работењето на Владата, а од интерес за граѓаните.
„Имам разговарано и со партијата Алтернатива, односно со нејзиниот претседател, бидејќи имаме редовни состаноци, меѓутоа немаме разговарано за детали за влегување на нов партнер во Владата, бидејќи такви детали не се разговарани со потенцијален нов партнер“, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека засега разговорите биле во насока на продолжување на европскот пат на државата, но не и за програмски и кадровски детали. Според него доколку се влезе во такви разговори, тогаш, ќе бидат консултирани и ќе биде разговарано и со постојните коалициски партнери во Владата, исто како што беше разговарано со коалициските партии во Владата кога влегуваше партијата Алтернатива.
Во саботата Централното собрание на партијата го овласти претседателството на Алијансата за Албанците да формира комисија која во следните денови ќе разговара на оваа тема, соопшти претседателот Арбен Таравари по завршување денешното централно собрание на партијата.
Тој посочи дека имале плодна дискусија, дел од членовите биле за, дел против, па раководството на партијата ќе треба да ја донесе конечната одлука.
Претходно, пред одржувањето на Централното собрание, Таравари изјави дека поканата за влез во Владата ќе ја прифатат само за сериозна борба против корупцијата и ако постојат шанси да се обезбедат 80 пратеници за уставни измени.
Претходно пратеникот од владејачкото мнозинство Павле Трајанов во изјава за РСЕ вели дека ако предлогот за владина реконструкција со нови министерски позиции за Алијанса за Албанците се стави на маса во Собранието, тој нема да поддржи таква, како што вели, непринципиелна влада.
„Тоа е неодговорна стратегија што се конципира. Не ни треба проширување на парламентарното мнозинство, или ова ќе профункционира или ќе се оди на избори“, изјави Трајанов.
Поддршка за проширување на владината коалиција не даваат нити тројцата пратеници од таканречената „Огнена група“ од ДУИ Изет Меџити, Кастриот Реџепи и Мерита Колчи Коџаџику.