Трајанов- ДУИ нека се откаже од две министерски позиции ако сака нов партнер во Владата
По средбата на дел од коалиционите партнери на СДСМ во штабот на владејачката партија се огласи само пратеникот и лидер на Демократски сојуз Павле Трајанов. Тој изјави дека на правата средба која ја водел генералниот секретар на СДСМ Миле Зечивеќ, се разговарало за проширувањето на владината коалиција.
Тој додава дека реконструкција на Влада ќе поддржат доколку се почитува амандман 6 од Уставот. Трајанов потенцира дека ќе подржи реконструкција само ако има соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта и во другите институции.
„Во спротивно не сме подготвени како партија да подржиме реконстукција на Влада. Не сме подготвени да прифатиме уцени. Таа партија што има проблеми со парламентарната група треба да ја плати цената. Сега ДУИ има 6 министерски места, и ако сака нов партнер тогаш треба да отстапи две места, а тоа би било во ред“, вели Трајанов.
Поддршка за проширување на владината коалиција со Алијанса за Албанците не даваат нити тројцата пратеници од таканаречената „Огнена група“ од ДУИ Изет Меџити, Кастриот Реџепи и Мерита Колчи Коџаџику.
Трајанов вели дека според Уставот соодветната застапеност на етничките заедници брои 5 до 6 министерски места, но ако не се почитува овој принцип, тогаш тоа е голем проблем.
„Тука е проблемот, има огромно незадоволство, системот не функционира, имаме голем број на министерства кои не одговараат на задачите, и затоа инсистирам да имаме принципи кои се дефинирани во Уставот“, истакна Трајанов.
На средбата во штабот на СДСМ присутните беа лидерите на НСДП, ДОМ и на Демократски сојуз, Горан Мисовски, Маја Морачанин и Павле Трајанов.
Во тек е и втора средба на коалиционите партнери на СДСМ која се одржува во Клубот на Пратениците. Овој состанок го води премиерот Димитар Ковачевски кој денеска изјави дека во изминативе два дена се водат разговори за прашања значајни за раководење на Владата, а кои се од интерес на граѓаните.