Во ЕУ нема барање за прекин на пристапните преговори со Црна Гора
„Не сме запознаени со тоа дека постои барање за прекин на пристапните преговори со Црна Гора“, велат за Радио Слободна Европа (РСЕ) од шведското претседателство со Европската унија (ЕУ).
Во писмениот одговор се нагласува надежта дека отворените внатрешно-политички прашања ќе се решат во блиска иднина и дека ќе може да продолжи патот кон реформи.
„ЕУ и Шведска внимателно го следат развојот на настаните во Црна Гора и се подготвени да продолжат да ја поддржуваат земјата“, се наведува во писмената реакција.
Министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ на нивната редовна средба во понеделник на 23 јануари разговараат за кризата во Црна Гора. Министерката за надворешни работи на Словенија Тања Фајон и австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг доставуваат извештај до шефовите на европската дипломатија.
Тие двајцата ја посетија Црна Гора во декември во име на високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Фајон прва зборуваше за можноста за прекин на пристапните преговори меѓу Брисел и Подгорица поради институционалната криза во Црна Гора. Таа на прес-конференцијата во Подгорица на 15 јануари рече дека постои голема закана да се запрат пристапните преговори на Црна Гора со Европската унија, доколку пропадне шестиот обид за деблокирање на Уставниот суд.
Црногорскиот Уставен суд со месеци е без кворум, бидејќи по пензионирањето на дел од судиите сега функционира со тројца, а треба да има вкупно седум.